ЕДУЦИРАЈ И МОТИВИРАЈ
Секојдневно се соочуваме со голем број на бизниси кои се дел во сивата економија и во кои директно или индиректно учествуваме преку купување на нивните производи или услуги без да сме свесни за последиците од тоа. Многу често се случува и да ја заземеме страната на продавачите што се дел од сивата економија, како претставници на маргинализирани групи од општеството, иако не сме свесни дека всушност сите живееме и функционираме во едно опшстество во кое сите треба подеднакво да допринесуваме за искористување на јавното образование, здравство, безбедност, пензии, одржување на јавни површини други јавни услуги, преку плаќање на даноци и придонеси. Купувањето од нерегистрирани продавачи не само што го поддржува нивното понатамошно нерегистрирано работење, туку допринесува за дополнително збогатување на самите трговци, на сметка на неплатените даноци и придонеси. Плаќањето во кеш, без сметка, иако некогаш не чини поефтино или изгледа полесно, всушност на долг рок се плаќа повеќекратно преку користење на неквалитетни јавни услуги од целото општество.
Првата категорија на предизвикот наречена „Едуцирај и мотивирај” има за цел да влијае врз свеста на граѓаните и да ги едуцира дека сите можат да влијаат врз намалувањето на сивата економија со секоја поединечна одлука за купување на секој еден производ или услуга од регистриран или нерегистриран трговец, како и да ги и информира за негативните последици од учеството и поддржувањето на сивата економија. Од друга страна, наместо да казнува – предизвикот ќе има за цел превентивно да влијае и да ги охрабрува и мотивира бизнисите за започнување со легален и регистриран бизнис, преку презентирање на бенефитите од легалното работење и преку директно воочување на штетните последници од нерегистрираното работење за општеството.
Во овој предизвик од студентите се очекува да изнајдат креативни решенија (веб платформи, апликации, национални кампањи, едукативни видеа, тренинзи или друго) кои ќе придонесат за подигнување на свеста за сивата економија на граѓаните или ќе претставуваат информативни центри за сите работи поврзани со сивата економија во е-трговијата кои ќе мотивираат истата да се одбегнува.